Таа навистина првпат (колку што ни е познато) се осмелува пред бугарската јавност да изрече јавна и јасна осуда на бесмислените и штетни постапки на бугарската политика за прикривањето и фалсификувањето на изворната документација во бугарските архиви. „Актот - вели Трифонова - на повлекувањето и сокривањето на рефератот во секретните сефови на партиските архиви со ништо не ги засилува бугарските позиции во спорот за националната самосвест на Н. Вапцаров, ами напротив, фрла сенка на сомнение и недоверба во громко афишираните бугарски тврдења. Штом рефератот не се објавува, а се сокрива, значи во него навистина има нешто неудобно и непријатно што е во состојба да ги поткопа бугарските тези и да ги закрепне македонските претензии, според доводите на елементарната логика. Но - бара нов излез од очевидниот ќорсокак Трифонова - тоа е само едната страна на мистификацијата. Нејзината поширока цел е да се оправда компартијата за нејзините злосторнички грешки спрема националното единство и суверенитет, а поетот и неговите другари да се претворат во искупителна жртва на една предавничка политика.“
Значи, новото толкување на процесите е веќе јасно! „Не може - размислува Трифонова - на друг начин да се објасни изчезнувањето на нешто, за коешто има живи сведоци, а како документ е видено дури од самите опоненти... Тоа е толку поапсурдно, зашто се покажа дека табуираниот текст всушност е познат во својата дублетна форма - стихотворбата со истиот наслов „Реферат“. И авторката ја пронаоѓа единствената вина за чувствата, мислите и активностите на Вапцаров и на Македонците воопшто - во „компартијата“, зашто токму таа е „вистинскиот вдахновител и раководител на македонизацијата во 40-те и 50-те години“! Научникот Цвета Трифонова не кажува што ќе правиме со јасните и масовни пројави на македонската национална свест во поранешните децении. Ќе ја бараме ли и таму вината во тогаш уште непостојната „компартија“ (и Коминтерна) или пак ќе се вратиме на старите тези на академикот Христо Христов и новопреобразениот ванчовист Коста Црнушанов?
IV.
Нашиот интерес го привлекува и историјата на добиениот препис на Вапцаровиoт „Реферат“. „Благодарејќи на еден од блиските пријатели на поетот - Николај Шмиргела, познатиот скулптор и уметник, човек со голема култура, - пишува Трифонова - ворацете ми се наоѓа текстот на рефератот, препишан од него во одделна тетрадка. Шмиргела беше толку штедар што најпосле й го стави на располагање на културната јавност, велејќи дека во целиот свој живот доста го бранел Н. Вапцаров, а сега дошло време да биде бранет од народот и од сопствената поезија.“
Бугаринот Николај Шмиргела навистина беше близок пријател на Никола Вапцаров, но и на Македонскиот литературен кружок. Не случајно на интерно распишаниот конкурс за нацртот на корицата на единствената стихозбирка на поетот од Банско „Моторни песни“, покрај Ангелушев, Сотиров и Жендов, учествува и Шмиргела. Исто така во 1940 година тој го има изработено бронзовиот медалјон што Кружокот решил (заедно со многу картички и записи) да им биде предаден на советските фудбалери што биле дојдени во Софија. Самиот Шмиргела во своите интересни спомени од 1947 год. опширно пишува за тоа, иако во изданието од 1966 сето тоа е испуштено! Таму беше речено дека медалјонот се чува во Музејот на револуционерното движење во Софија, но деновиве во „Современост“ В. Тоциновски објави дека овој вонредно важен музејски експонат од нашата поблиска историја е најден во оставнината на Ѓорѓи Абаџиев и сега се наоѓа во Скопје. За да се разбере подобро метаморфозата на самиот Н. Шмиргела, но и за да се демантираат конструкциите на Цвета Трифонова, ќе ги наведеме основните непобитни факти. На едната страна на медалјонот изработен од Шмиргела, во горниот дел, има развиорено знаме, во чиј централен дел во три реда е напишано: Слободна независима Македония. (Да се потсетиме дека и на знамето на Македонската колонија од 1914 година што беше пронајдено во домот на Д. Чуповски и сега се наоѓа во Музејот на Македонија, низ сончевите зраци се златеат буквите на македонски: Едина независима Македонија.) Под знамето на малечкиот медалјон е нанесена етничката карта на Македонија, во која е впишана познатата мисла на Гоце Делчев: Я го разбирам светот само како поле за културно надпреварување мегю народите. Под зборовите со поголеми букви пишува: Гоце Делчев. На задната страна на медалјонот во четири реда е изгравирана посветата: Преко другарите спартакисти македонската младеш пракя поздраф на младешта от С.С.С.Р. 1940. Август. София.
Во врска со овој медалјон се важни неколку историски документирани факти. Прво, медалјонот е изработен по настојување пред сe на самиот Никола Вапцаров, кој што сведочи самиот Шмиргела, му насобрал и му донесол цел куп карти на Македонија. Второ, медалјонот ја претставува етничката карта единствена обединета Македонија, изработена од уметникот Шмиргела. Трето, како симбол на македонската ослободителна борба не случајно се зема Г. Делчев и неговата девиза што е широко позната и денеска. Четврто, целта на борбата е постигувањето на една слободна и независна држава Македонија. Пето, сиот текст е напишан на македонски (а не на бугарски) јазик, иако со азбуката што беше и руска и со правопис што не беше бугарски! И најпосле, шесто, овој медалјон требаше да им го предаде на советските фудбалери никој друг туку имено Никола Вапцаров, кој, меѓутоа, во хотелот не успеал да ја исполни преземената задача. Сето ова го раскажува и Николај Шмиргела во своите први спомени за Вапцаров во 1947 година.
А што кажува Цвета Трифонова за посетата кај Шмиргела и за „Рефератот“ на Вапцаров половина век подоцна?
„Овој препис - вели таа- заедно со уште два ракописа благосклоно беше измолкнат од една скапоцена папка, каде што Шмиргела чува две компактни тетратки, одделни ракописи, писма, снимки, автографи на Н. Вапцаров. По моја молба тој своерачно го идентифицира претставениот материјал со следнава записка: ’Рефератот е препишан по еден од неколкуте тиражирани реферати, земени од мене од една тенекија во визбата на Н. Вапцаров. Уште во она време сум му го дал на некого (оригиналот - Ц. Т. ), а сум оставил од неколкуте преписа еден за мене. Сум ја променил само фирмата на Југославија со СФРЈ. 28 ноември 1994 х.’(п.).