МПЦ ВОЗДРЖАНА
По предлогот на Црногорската православна црква
(Приземено од в. "Дневник")
Македонската православна црква треба да остане воздржана во однос на барањето на Црногорската православна црква да й се помогне во обновата на нејзината автокефалност, изјави на 22 маj преспанско-пелагонискиот владика Петар.
Според него, во овој момент најдобро е МПЦ да не се изјаснува веднаш за ова барање, туку да остави да се види на кој начин ќе се развиваат настаните во Црна Гора по нејзиното осамостојување.
- Треба да оставиме работите таму да се смират, не е потребно ние да ги прејудицираме - нагласува владиката Петар.
Архиепископот на непризнаената Црногорска православна црква г. Михаил завчера го повика македонскиот архиепископ Стефан да им помогне. Тој предложи МПЦ да испрати свои професори за богословското училиште, а непризнаените цркви да се здружат за полесно да изборат признавање.
Поглаварот на МПЦ не беше достапен за коментар. Владиката Петар смета дека не треба да се влегува во сојуз со непризнаени цркви.
- Наша цел треба да биде да се решат проблемите, а не да се оди во сојузи и поделби - истакнува тој.
МПЦ ја одби поканата за соработка и за заеднички настап од Украинската православна црква, која не е признаена од Руската православна црква. Пред неколку години еден од владиците на МПЦ предложи да се создаде коалиција на православните цркви што бараат да им се признае автокефалноста. Негов аргумент беше дека на тој начин ќе зајакне преговарачката сила на овие во однос на црквите од кои се бара признание. Ваквата идеја беше отфрлена.
Црногорската православна црква од нејзиното обновување во 1993 година до МПЦ испраќала сигнали за соработка. Понудите биле одбивани со образложение дека црквите не се во иста ситуација кога станува збор за барањато да им се врати автокефалноста. Ова најмногу се однесува на начинот на изборот на владиците.
Српскиот црногорско-приморски владика Амфилохие вчера изјави дека црквата во Македонија „не треба да наседнува на провокациите од расчинети свештеници“, а дека дијалогот на СПЦ со МПЦ не е затворен.
Православните цркви го оспоруваат постоењето на црногорската православна црква бидејќи сметаат дека таа е неканонски обновена. Главниот проблем се врзува за изборот на црногорскиот архиепископ Михаил Дедаиќ, поранешен свештеник на Грчката православна црква. Дедаиќ бил ракоположен за епископ на ЦПЦ во 1998 година во Софија од владиката Пимен, предводник на отцепеното крило на Бугарската православна црква. Меѓутоа, таа хиротонија не била прифатена од другите православни цркви. Вселенскиот патријарх Вартоломеј го расчинил архиепископот Михаил.