Протест против непочитувањето на правата на македонското малцинство во Бугарија за слободно изразување на националната и културна припадност на 17 април му врачија на Михо Михов, бугарскиот амбасадор во Скопје од Министерството за надворешни работи. Повод за тоа е попречувањето на асоцијациите на Македонците од Бугарија на 16 април на гробот на Јане Сандански во Рожен да ја отбележат 91-годишнината од неговото убиство. МНР од Михов барало и објаснување за транспарентите „Македонија е бугарска“ што над гробот на Пиринскиот цар ги постави ултранацио-налистичката партија ВМРО-БНД на Красимир Каракачанов.
Михов во македонското МНР се појави на 17-ти доцна попладнето, откако претходно речиси цел ден, според неофицијални информации, не бил достапен за лично да го прими протестот на македонските власти. Од бугарската амбасада, со објаснување дека амбасадорот Михов е недостапен, било понудено, наместо него, во МНР да оди неговиот заменик. Во МНР го одбиле таквиот предлог, по што Михов сепак се одзвал на повикот да го прими демаршот.
И дел парламентарни партии ги осудија случувањата крај Рожен, каде што приврзаниците на Каракачанов ги попречија Македонците да се поклонат на гробот на Сандански, но и односот на локалните власти, кои прво им издале дозвола на македонските асоцијации за собир кај гробот, а потоа ја поништиле давајќи му дозвола и на Каракачанов на истото место да ги празнува верскиот празник Цветници и 65-годишнината од „ослободувањето на Македонија од бугарските сили, на 20 април 1941 година“.
- Тоа е скандал што не й прилега на земја како Бугарија, која чека влез во Европската Унија - оцени Слободан Чашуле, пратеник на ВМРО-НП.
Шокантно е што во период кога Балканот ја има историската шанса да биде дел од европскиот дом, некој се враќа во 19 век во времето на пропагандата за асимилација на Македонците - вели Чашуле. Тој смета дека таквото однесување на бугарските власти е резултат и на слабоста на државава, која е „премногу зафатена со самата себе и со суетите на нејзините лидери“.
Со осуда на случувањата во Рожен, Ганка Самоилова-Цветановска од ВМРО-ДПМНЕ порача дека Бугарија мора да ги почитува основните цивилизациски вредности и човекови права и да му овозможи на македонското малцинство да ги изрази националниот и културниот идентитет.
СДСМ е загрижен од фактот што од година во година инцидентите во Рожен се повторуваат.
- Ги осудуваме таквите постапки што не придонесуваат за поблиска соработка и поголема доверба и не се во согласност со европските вредности и однесување. Очекуваме соодветна реакција од државните институции - изјави партискиот портпарол Борис Кондарко.