Сознајби
СЛОВАЧКО – ЧЕШКИ И МАКЕДОНСКО-БУГАРСКИ ПРЕРОДБЕНСКИ ПАРАЛЕЛИ
(Продолжува од минатиот број)
Акад. Блаже Ристовски
Но додека предговорните и објаснителните тексови Колар ги напиша на неговиот “чехословачки“ јазик, К. Миладинов (иако македонските народни песни првобитно биле запишани со грчкото писмо), предговорот го напиша на родниот јазик и зборникот го објави на македонски и со кирилското тогаш заедничко писмо со Бугарите – во духот на концепцијата на Партенија Зографски за заеднички македонско-бугарски литературен јазик, по примерот не само на србско-харватската виенска “нагодба“ од 1850 година, туку и во рамките на концепцијата на Шафарик и Колар за заеднички “чехословачки“ јазик што во основата ја имаше, меѓутоа, чешката традиционална предбериолаковска литературна норма.
Исто така требва да се повлече дека Шафарик и Колар и своите лични стихови и научно-стручни и полемички текстови ги пишуваа главно на чешки (или на германски) јазик. Меѓутоа, Константин Миладинов (па можеби и брат му Димитрија) своите уметнички стихови ги испеа на убав македонски народен говор што ги имаше карактеристиките на наддијалектен систем. На таков јазик ги напиша не само и своите скромни научноистражовачки обиди и писма, туку го направи и преводот (од руски) на антиунијатската книга “ПравославньI црковниьI братства во юго-западнж-тж Руссiж“ од Јоан Флеров што беше напечатена во Москва во 1858 година.
Но додека Колар во насловот пишува дека народните песни се “на Словаците во Унгарија“, Миладинов пак, во духот на својата епоха и во согласност со сфаќањата на тогашната руска славистика, како и според разбирањата на мецената Јосип Ј. Штросмаер, му побара на пријателот од Бугарија В. Чолаков да му испрати бугарски материјали и зборникот да излезе под наслов “Бжългарски народни пьсни“.
И уште една специфика што не е воопшто споредна. Додека Миладиновци, и покрај употребата на бугарското именување, во ниеден случај не станаа јавно против сопствениот македонски јазик во литературата, ниту пак против посебноста на македонскиот народ и култура, Шафарик и особено Колар во 1846 година во полемичката брошура “Гласови за потребата за единствен литературен јазик на Чесите, Моравците и Словаците“ станаа многу решително против настојувањата на Штур и младата словачка интелигенција за изградба на посебен словачки литературен јазик.
И покрај сето тоа, Павел Ј.Шафарик и Јан Колар денеска и Чесите и Словаците ги ставаат меѓу најзначајните свои преродбеници, признавајќи го нивното словачко потекло. Тие без предрасуди ги застапуваат и во словачката и во чешката литература и национална историја, а нивните некогашни изјави и чувства воопшто не подбудуваат некакво проблематизирање на словачкиот национален и културноисториски ентитет и континуитет. Овде, меѓутоа, на овој европски Балкан една традиционална завојувачка политика упорно ја држи во своја служба и науката, поддржувајки еден уникален атавизам што перманентно го загрозува нормалниот развиток и интигритет на научната мисла и мирот во поширокиот регион на Европа. Зашто некому би му пречело, на пр., ако браќата Миладиновци, Рајко Жинзифов, Глигор Прличев, Анѓелко Крстик и други писатели и културни дејци, како Македонци по раѓањето и по функција на нивното дело, биле декларирани или и самите се маркирале со туги национални обележја, се најдат на страниците на македонската културно-литературна и национално-политичка историја? И зашто би ни пречело и нам ако тие литературно-културни дејци, како одраз на развојниот степен на епохата на национални, балкански и европски релации, со своите вкупни активности или со своето уметничко творештво преставувале реална функција во културно-литературниот или во национални- политичкиот живот и развиток на нашите соседи и ако се најдат исто така и на страниците на бугарската, грчката, српската или албанската историја како ’дводомни“ или повеќедомни“ писатели? Се разбира, ако при тоа тој факт не се користи за национално-политички цели и претензии и ако не се негира историскиот ентитет на нивното етничко потекло. И зашто би морало да се пребаруваат архивите по некакви “тапии“, како што би рекол Коневски, и на крајот на 20 век?
Спокоиниот обективен подход кон ова научно, но истовремено и живо политичко прашање, ќе релаксира многу ненужно наталожени страсти и запаливи чувства со ризични напнатости што вешто и дозирано се подхрануваат над едно столетие и постојано се закануваат со драматични прекројувања на етнополитичката карта на Балканот. Примерот со односот на Чесите и Словаците спрема Шафарик и Колар е единствениот логичен пат за надминување на состијбите во однос кон одамна дефункционализираните историски реликви.
ЗБОРНИКОТ НА МИЛАДИНОВЦИ - МЕЃНИК ВО НАШИОТ РАЗВИТОК
Во моментот на едно неповратно распаѓање на досегашната Југославија, во момент кога се руши не само еден експериментален систем што не ја докажа својата животворност, кога Македонија и самата се наоѓа на историска раскрасница по патот кон својата независност, - ние ја одбележуваме 130-годишнината од појавата на еден Зборник што поставува маркантна меѓа во нашиот развиток и станува значаен фактор во македонската културна и национална историја. Това е вековит споменик не само на македонското усно народно творештво, посебно на македонската народна песна, туку и автетична неопходна легитимација за степенот од развитокот на нашиот јазик, на нашата усна литература што ги правеше почетните чекори во пишаната современа реч и на нашата култура воопшто. Затоа и заслужува посебен респект односот на неговите почитувачи од разните краишта на некогашната федерација и во ваквите невозможно тешки и ризични околности да се најдат во програмата на нашиот научен собир.
Браќата Миладиновци со се што имат направено ги чувствуваме како основоположници на еден незапирлив процес од македонскиот културно-национален развиток од почетокот на втората половина на минатиот век, чиј непрекинат континуитет во нашиве дни не води кон полниот суверенитет. Времето на Миладиновци и нивната разнострана и разнозначна дејност сеуште не се достатно и комплексно проучени ни правилно оценети. Можеби и од сфатливи обзири во изминатиов половина век се дозволуваа извесни отстапки од строгата научна методологија, па се прекршуваа и некои од темелните принципи на одговорната научна мисла. И денеска не сме сигурни дали сето тоа беше и во нашиот интерес. Затоа и од научниов собир се очекуваат нови проучувња со нови погледи што ќе резултираат со поправедни и поправични оценки на ова наследство.
Иако не се ни први ни единствени до тогаш, браќата Миладиновци несомнено ја заораа меѓничката бразда во македонската „преродбенска“ нива. Белградскиот зборник со лирски македонски народни песни на Ст. Верковиќ од 1860 година претставува важна стапка на планот на собирањето и презентирањето на македонското усно народно творештво. Но дури појавата на Зборникот на Миладиновци, во времето кога усното народно творештво имаше особено значење и демонстративна вредност во европски рамки, не претстави како народ, како етнокултура со сопствен персоналитет, како одделен словенски национален ентитет. И не е толку значајно за нас денеска што тој зборник го носи името „Български народни песни“, иако на времето внесе извесна дезориентација во европските претстави за нас. Ние сме должни тој факт да го оценуваме од објективна историска перспектива, без мистификации и без отстапки пред сопствената совест и одговорност.