"Б'ЛГАРСКАТА СТРАНА" НА ПОГРЕШНА СТРАНА
Се повторува историјата на најнецивилизациското газење по достоинството на македонското малцинство во Бугарија. И годинава, како и лани, како и со години наназад, тие беа спречени да се поклонат на гробот на македонскиот херој Јане Сандански. И повторно од ултранационалистичките сили собрани во ВМРО-БНД на Красимир Каракачанов. И повторно со премолчана поддршка на бугарските власти. Никому од нив не им попречи шовинистичкиот транспарент „Македонија е Бугарска“, кој Каракачанов го постави над гробот на Сандански како провокација и навреда за Македонците што дојдоа во неделата на поклонение во Рожен.
Приврзаниците на македонските асоцијации мораа да ги издржат тие провокации, а нивното цвеќе венееше чекајќи ги ултранационалистите на Каракачанов да си заминат, за да биде оставено на гробот на македонскиот револуционер.
Во сенката од транспарентот, која паѓаше врз гробот на Сандански, јасно се отслика лицемерството на официјалната бугарска политика. Од една страна, слаткоречиви изјави за добрососедство и пријателство меѓу двата народи, а од друга, децениско газење на сите меѓународни норми за основните човекови права за изразување на националниот и културниот идентитет. Државата, која е застаната пред портите на Брисел, чекајќи потврда од 1 јануари идната година да влезе во европскиот дом, не само што не се осмели да направи некаков исчекор кон почитување на правата на македонското малцинство во таа земја, туку напротив со потпис на кметот на Сандански, кој на Каракачанов му издал дозвола да слави 65 години од „ослободување“ на вардарска Македонија од српскиот окупатор, завери воскреснување на една мрачна историска страница од која се дистанцираше и самата современа бугарска држава.
Јасно е на чија страна беше „б’лгарската страна“ на 20 април 1941 и со одобрението да се чествува влегувањето на бугарската војка во Скопје, газењето врз достоинството на македонското малцинство е уште посрамно, поскандалозно и како што оцени македонскиот амбасадор во Софија, Абдураман Алити - израз на шовинизам. Неделата во Рожен тој ја нарече срам и за оние што го поставија транспарентот и за оние што го чуваа. Неговите тешки зборови не беа претерани. За прв пат еден македонски амбасадор се осмели да крене глас против децениското насилство и кршење на основните човекови права и достоинство на македонското малцинство во Бугарија, нешто што неговите наследници одамна требаше да го прават.
Првпат и МНР реагираше со протестна нота до официјална Софија, што повторно е реткост, која треба да се поздрави. Иако срамежливи, овие чекори се прв знак дека на овие срамни роженски репризи, и воопшто на репресијата врз Македонците во Бугарија, побргу или подоцна ќе им се стави крај. Ако бугарската „страна“ сериозно мисли еднаш да се најде од иста страна на историјата со македонската држава, како што се декларира.