Бидејќи кај основното партиско членство, израснато од пазувите на широките народни слоеви и воспитано во духот на македонските национални традиции, силно било развиено македонското национално чувство, токму врз таквите луѓе паднала острицата при спроведувањето на новата политика. Според нашите сознанија, поткрепени со цврсти изворни документи и докази, токму таквите оние што во блиското минато толку многу се залагаа пиринскиот крај да се обедини со НР Македонија, оние што јасно, цврсто и недвосмислено стоеле на македонските национални позиции, оние што биле во првите редови на одбраната на македонскиот јазик и на македонската култура и бит, воопшто на националниот субјективитет на Македонците во пиринскиот дел на Македонија и на макeдонската емиграција во Бугарија, токму тие први се нашле на удар при спроведувањето на новата бугарска државна политика во пиринскиот крај.
По „чистката“ што се направила во редовите на Комунистичката партија во пиринскиот крај, вербата меѓу Македонците од овој дел на Македонија дека токму Комунистичката партија правилно ќе го сфати и ќе го разреши македонското национално прашање во духот на решенијата донесени на Х проширен пленум на ЦК на БРП(к) од август 1946 година била изгубена. Тоа особено дошло до израз по смртта на Георги Димитров и устоличувањето и зацврстувањето на В’лко Червенков на власт. Практиката на пропаганден притисок особено се засилила при разгледувањето на решенијата, одлуките и другите акти на повисоките раководни тела на БКП. Тие редовно биле разгледувани, но за нив, како што погоре наведовме, не се водела дискусија. Таквиот пропаганден притисок особено се засилил за време и по завршувањето на монтираниот судски процес против Трајчо Костов. Во еден таков дневнополитички пропаганден поднесок читаме: „Денес, на иницијатива од Окружниот комитет на БКП и ОФ, уште од рани зори граѓанството масовно се собра пред високоговорниците на плоштадот Македонија, во пунктовите на АГИТПРОП, во клубовите на општествено-политичките организации, во деловите каде што има радиоапарати и го слушаа обвинението против Трајчо Костов“. Истиот принцип на работа бил спроведувн и преку младинската организација.
Според податоците, содржани во бројни извори од најразлично потекло, покрај отстранувањето на непогодните елементи од редовите на Комунистичката партија, во пиринскиот дел на Македонија се започнало со „откривањето“ и следењето на сите „непријатели“ на бугарскиот народ, држава и владејачка партија.
И при овој случај си го поставуваме прашањето, кои личности во пиринскиот дел на Македонија биле оцрнети и обележани како непријатели на бугарската владејачка партија, на бугарскиот народ и држава. И повторно одговорот се наметнува сам од себе. Како потенцијални непријатели на бугарската Комунистичка партија, на бугарскиот народ и држава, во пиринскиот дел на Македонија биле обележани сите оние што во не толку да-лечното минато се залагале за остварување на македон-ските национални права, без оглед на нивната политичка определба. На удар се нашле поистакнатите членови на Македонската народна федерална организација, поранешните членови на Првото заседание на АСНОМ, нивните истомисленици, блиски роднини и пријатели.
Покрај нив, според новата политичка линија, секој оној што јавно не го изразувал своето нeпријателство, па дури и омраза спрема партиското и државното раководство на КПЈ-КПМ и ФНРЈ, односно НР Македонија бил обележуван како потенцијален кандидат-непријател на бугарската партија, народ и држава. Таквите лица редовно биле изложувани на полициско следење, апсење, интернирање, судење, затворање, па дури имало и случаи на убиства што се случувале за време на апсењата или за време на истражната постапка.
Следењето и откривањето на сите „непријатели“ на бугарското општествено уредување, бугарската партија и држава и на бугарскиот народ биле под полна и непосредна контрола на Службата за државна безбедност и полицијата. Службата за државна безбедност и полицијата во пиринскиот дел на Македонија, во периодот за кој станува збор, претставувале неприкосновени господари. Нивните одлуки и решенија, новото партиско раководство ги извршувало без поговор. Во сите акции на следење, блокади, претреси на домовите на осомничените граѓани, апсења во кои учествувале службeни униформирани и неуниформирани лица на полицијата и државната безбедност, по специјален налог на Службата за државна безбедност, редовно биле вклучувани и членови на Комунистичката партија. Честопати во тие акции активно учествувале и цели партиски организации. Сето тоа било пресметано и правено со задни намери и цели.
За време на блокадите, особено при претресот на домовите на осомничените граѓани заради нивната „нелегална антипартиска“ и „антидржавна“ дејност, професионалните провокатори, службеници на државната безбедност, настојувале и се труделе да дојде до отворен судир на осомничените и нивните блиски роднини, пријатели и соседи со придружните лица - членови на Комунистичката партија. Овие последниве, поради налог, принуда, партиска дисциплина или кариеристички подбуди, дејствувале заедно со полицијата и државната безбедност. Општа девиза на државната безбедност била да се предизвика судир меѓу осомничените и придружниците на државната безбедност, членови на Комунистичката партија. Ако пак во некој случај дошло и до крвопролевање, тогаш „успехот“ на Службата за државна безбедност бил „целосен“ и истиот се прославувал. Во таквиот случај, директниот учесник-придружник, член на Комунистичката партија, засекогаш паѓал во „пајаковата“ мрежа на Службата за државна безбедност и бил користен за натамошни неморални дејствија против своите сограѓани.
Со таквиот метод на дејствување, Службата за државна безбедност го проширила и го продлабочила јазот на недоверба, незадоволство и омраза со обичниот граѓанин, особено со оној поупатениот и национално свесен Македонец и со македонските комунисти во пиринскиот крај.
Заради таквата нивна активност, македонските комунисти во пиринскиот дел на Македонија, од најомилени и почитувани борци за македонски и човекови права од времето на антифашистичкиот отпор 1941-1944 година и во периодот 1944-1948 година, поради нивната несебична ангажираност при оживотворувањето на националната афирмација на Македонците во пиринскиот дел на Македонија, постепено и со сесрдна „помош“ на Службата за државна безбедност на НР Бугарија, по 1948 година, станале најомразените личности во целиот пирински крај. Се разбира дека меѓу нив имало и чесни исклучоци.