Слободан Чашуле:
ПОВЕЛЕТЕ НА ЗАЕДНИЧКА ПРОСЛАВА!
(Oд в. "Време")
Борис Сакскобур-готски, царја на Б'лгарите, го помилува татко ми. Ете така ме имате мене како колатерална штета и литературата на Коле Чашуле како придобивка. На еден мошне чуден, човечки начин сум му благодарен на Борис, онол-ку колку што сум му и напизмен што младата партизанка Ванѓа, мајка ми, истрпи чудовишни маки цели три години во логорот на смртта во Стара Загора.
Сакам, јас, синот на помилуваниот партизан, сепак, да му возвратам. Сакам да го помилувам Симеон Сакскобурготски, синот на Борис, мојот нов пријател со кого ние двај-цата балканци, на вечерата кај амбасадорот Љубиша Георгиевски, тој како премиер јас како министер за надворешни работи најдобро, се разбиравме на шпански.
Симеон е политичар ка-ков што еден балкански народ може да посака. Но за да стане тој, и неговиот народ со него, европски и со нас, нивните најблиски, да слави победи, треба да направи еден мал чекор за него и голем за Балканот. Но, не е доволно само тој, туку треба да му се придружи и Георги П'рва-нов, како претседател на сите Б’лгари, премиерот Сeргеј Станишев, претседа-телот на Собранието Георги Пирински и сите други добронамерни побратими.
Ги канам, следејќи ја на мој начин идејата да славиме заедно, да дојдат најпрвин во Прилеп на ден 11 октомври 2006 година, на 65 - годишнината од единственото наше и нивно, ако веќе сакаат, победоносно востание и да им се поклонат на малкутемина преживеани востаници, да помолчат со свиени глави пред Могилата на непобедените, да дојдат и онака европски да се извинат за завојувањата, за жртвите, за недоразбирањата, за посегањата, за фашизмот.
Да искажат едно Благодарам, Мерси, ако сакате, едно историско Данке Македонија!
Да не беа тие тринаесет прилепчани наоружани со тељови, камења и пиштоли што не пукаат, и над се со јуначки голема љубов за слободата и дивовска смелост да и се спротивстават на најголемата мрачна империја на векот-Фашизмот-кој ќе им го покажеше патот на Б’лгарите кон демократска Европа, да појдат таму како победници и да стасаат! Нивниот 9 Септември ќе беше невозможен без нашиот 11 Октомври!
Ги канам да покажат зрелост и доблест, сега кога се на прагот на Европа, иста, дури и поголема од онаа на Вили Брант, на колена во злогласниот Аушвиц. Треба Симеон и неговите патем кон Прилепа града да минат и низ Скопје и да паднат на колена во Еврејско Маало, пред нашиот споменик на Холокаустот. Не треба да одат дури во Треблинка, ние нашиот мир, измирување и братска љубов треба да ја градиме тука каде што и ќе ги живееме.
Не треба многу, трошка човештина и искрена верба во изградбата на нов, европски Балкан. Не го одделуваме од усти, ама никако да си поверуваме, онака на збор; нема дела, а зад зборовите се нижат колони толкувачи, кои во искреноста секогаш наоѓаат и по некоја и повеќе трошка сомнеж и задни намери, страв.
Ете можност за дело.
Да покажеме и ние Балканците иста големина и човештина како таа на Германецот Шредер на прославата на 60-годишнината од Победата над фашизмот што го изнедрија неговите предци, кога појде среде Москва кај најголемата жртва и најголемиот победник. Покажа и докажа на дело дека победата што ја извојуваа Русите на чекор пред храбрите Британци, Југословени, Пољаци, Французи, Американци и другите сојузници му донесе и нему слобода и невиден просперитет. Знаеше Шредер да биде горд на Црвениот плоштад.
Да покажат нашите побратими смелост како онаа на јапонскиот премиер Јуниширо Коизуми кога му се извини на кинескиот народ за својатањето, за завојувањето, за анексиите, за империјалните претензии кои го кутнаа јапонскиот народ во прегратките на фашизмот, за жртвите. Исто онака како што сите својатања, завојувања, анексии и империјални претензии, го кутнаа двапати во последниот век на минатиот милениум бугарскиот народ во прегратките на фашизмот, кои и нему и нам ни донесе жртви, недоразбирања, омраза и страв. Го нурнаа бугарскиот народ, духовни жени и мажи, даровити и благородни луѓе, во таква дупка на беузмието што им требаше повеќе од половина век да исп-ливаат од блатото на сталинизмот, кој им дојде како божја казна, се за-ради Маке-донија.
Дојде време да се ослободат од компле-ксот Маке-донија. Тргнаа по вистинскиот пат кога први ја при-знаа држ-авата на македонс-киот народ по демокр-атското осамостоју-вање. Ос-тана уште да го признаат 11 Октомври и победата во него на македонскиот народ не само против фашизмот, која ги ослободи и нив Бугарите, туку и против идејата со оган и меч да бидеме прекрстени во Б’лгари, исто онака како што Србите тоа го правеа тепајќи не со денови во прилепската кула за да бидеме Чашуљевиќи! Не судеа на смрт за таа нивна Македонија и загубија.