Към начална страница...
 
       Со цел да ги распрсне „идеологемната магла и романтичните ореоли“, Цвета Трифонова во својата статија се запира само на два мошне значајни случаја.
       Првиот  случај се однесува за сокривањето на дел од епистоларното наследство на Вапцаров. Иако добар дел од ова наследство е публикувано, ние знаеме како скржаво се откриваа фундаментални документи, како што се писмото на Д. Митрев или оние неодамна кај нас објавени драгоцени писма на Антон Попов. Трифонова наведува дека „седум писма и поштенски картички и досега остануваат непознати“ што во еден подолг период му ги праќал неговиот соученик, другар, но идеолошки  противник Лазар Икономов од Банско. Писмата се наоѓале во Институтот за литература во Софија (ф. 82, а. е. 81) и во Домот-музеј „Н. Вапцаров“ во Банско (а. е. 68100, 68103, 68104, 68105 и 68102). Содржината на овие писма не е позната, но првпат се објавуваат две фотографии (од 1926 и 1939), на кои се гледа Л. Икономов и Н. Вапцаров и членови од Македонскиот литературен кружок. Всушност, и двајцата Македонци ги стигнала насилна смрт, но Вапцаров уште во 1942 година „е пронижан од милостивиот куршум во Софиското гарнизонско стрелиште, а другиот е одвлечен на колење во Козаревата земјанка крај Добриниште“ (заедно со 50 „народни непријатели“ во октомври 1944). Бездруго, интересен и значаен случај што треба да биде предмет на нашата наука.

       II.
       
       За нас, меѓутоа, има посебно значење првото публикување во Бугарија на зачуваниот „Реферат“ на Н. Ј. Вапцаров. Ние веќе три децении апелиравме овој текст во целина да й биде претставен на бугарската јавност, но бугарската наука упорно настојуваше да се однесува како документот да не постои. Дури и тогаш кога ние го објавивме неговиот почеток, кога членови на Македонскиот литературен кружок во Софија и во Бугарија имаа не само пишувано за него, туку дури во своите спомени ја донесуваа и неговата основна содржина. За жал, бугарската „наука“ направи дополнителни груби фалсификати, кога во повторните изданија на спомените на Михаил Сматракалев, Симеон Русакиев, Николај Шмиргела и други безочно ги испушташе пасусите од овие текстови што зборуваа за националната свест и припадност на Вапцаров и особено оние што беа на каков и да е начин поврзани со „Рефератот“, додека истоимената песна-поема грдо се „толкуваше“, дури и со испуштање на цели делови од неа!
       Но еве сега, кога кај нас веќе излегоа трите тома на (и за) Михаил Сматракалев (Ангел Жаров), каде што се публикувани доста нови материјали од Кружокот, па  и целиот расположив текст на Вапцаровиот „Реферат“, во Софија Цвета Трифонова прибра „храброст“, дури и со негодувањето и противењето на доследните чувари на „тајните“ пред сопствениот народ, да проговори јавно и за „обидите да се израмни и да се ретушира синкопираната графика на Вапцаровиот животен пат... сврзан со неговото учество во Македонскиот литературен кружок“. И сето тоа ќе беше навистина и граѓанска храброст и човечка доблест - ако не беше бескрупулoзниот нов обид да се искривува суштината на криениот документ и на елементарното национално македонско патриотско чувство на поетот од Банско. И кому и зошто ќе му служи сето тоа пребојосување?
       Цвета Трифонова тргнува од сега „модерната“ теза дека Кружокот бил формиран „во есента на 1938 по директива на ЦК на БРП(к)“, се разбира, како „исполнување на решенијата на Коминтерна за националното прашање од 1934 г., насочени кон ослабнување и распагање на националните заедници со цел да бидат полесно присоединети кон светската револуција и идниот социјалистички лагер“. При сето тоа се пренебрегнува денеска веќе ноторниот факт за историскиот континуитет во развитокот на македонската национална мисла од 40-те години на минатиот век, па се забораваат македонските националноослободителни востанија од 1876, 1878 и 1903 година, се изумуваат унијатските движења и борбите за востанување на Охридската архиепископија и за воведување на македонскиот јазик во училиштата и во литературата, се забошотуваат „лозарите“ во Софија (1891-1892) и нивниот „национален сепаратизам“ , „вардарците“ во Белград и нивната национална програма (1893-1894) и Македонскиот клуб со читалиште и неговиот „Балкански гласник“ (1902), а посебно Македонското научно-литературно другарство во С.-Петербург (1902-1917), каде што беше создадена (а во Софија напечатена) првата книга на современиот македонски литературен јазик и правопис (1903), кога со чл. 12 на Уставот на Другарството првпат официјално беше воведен македонскиот јазик во служебна употреба, каде што беше напечатено првото научно-литературно списание „Вардар“ (1905) на тој јазик, а таквото друштво во Софија (1903) со весниците „Балканъ“ (1903) и „Куриеръ“ (1904) ја пласираше македонската национална програма сред македонската рево-луционизирана емиграција и пред бугарската јавност, како и огромната активност на Македонската колонија во руската престолнина (1912-1913), кога Битолскиот македонски национален кружок уште во 1912 година ја алармираше светската јавност за опасностите од блиската војна и за целоста и иднината на татковината, кога балканските соседни монархии со меѓусебни спогодби и војни во крв си ја делеа Македонија, кога историските меморандуми, Картата на етничка Македонија (на македонски јазик) и 220 страници на списанието  „Македонскiй  голосъ“ (Македонски глас), како најавтентичен архив на македонската национална свест во пресудните години 1913-1914 - на светот му се презентираше автентичната национална мисла и акција. А во тоа време немаше ни коминтерни ни директиви... Можеби и тука Србите ги мешале бугарските води...
       И што да се рече за македонската национална свест по Првата светска војна: дали Коминтерната им се наложи на Македонците или тие нејзе? Дали Коминтерната им ја држеше раката на Тодор Александров, Александар Протогеров и Петар Чаулев кога во Виена (1924) го составија и го потпишаа Мајскиот манифест или Коминтерната го принуди еден Ванчо Михајлов во рамките на „автономијата“ во Петричко (1932-1934) да го воведува во тој дел од Македонија предметот „Македонска историја“, па дури и народниот јазик?




Народна Волjа
Народна Волjа
Народна Волjа
Народна Волjа
Народна Волjа
Народна Волjа
Сознајби

ДРЕВНО-ПОЛИТИЧКА МЕТАМОРФОЗА НА БУГАРСКАТА НАУКА ЗА ВАПЦАРОВ

(Продолжува од минатиот број)

Акад. Блаже Ристовски
       Механизмите на „иде-лошкото сценарио“ ав-торката ги гледа првенс-твено во „манипулацијата со неговото архивско наследство“, па ги открива патиштата на таа „тотална шпекулација“ со името на Вапцаров: „прво - преку премолчување на неудоб-ните факти, имиња, епизо-ди од биографијата на поетот; второ - преку фалсификување на доку-менти (на пример, фамоз-ниот протокол за партиското членство на Вапцаров, изработен дури во 1963 г.); трето - преку засекретување и табуирање на документи (примерите за тоа се многубројни, овде ќе посочам само два); четврто - преку распокинување на Вапцаровиот архивски фонд во пет државни депозити и во мноштво приватни колекции (така се создаваат услови за растворање  на границите на архивот и за исчезнување на неудобните документи, невозможна станува задачата да се опфане општата слика на архивската содржина); пето - преку непрекинато движење на архивските материјали - дарување, продавање и земање обратно или тајно и јавно присвојување“, па навистина „судбината на архивот е еднаква на животната драма на поетот“.        
Станува збор за „фалсификуван живот и ограбена судбина на творецот“, за „присвоени и сокриени документи, изопачени факти и плачкосани вистини“, но - „канонизиран за некаков светец на револуцијата.“
(Продолжува)
Календар:
64 г. по пътя на безсмъртието
Провален опитът
за обединение
От времето преди да...
ОМО "Илинден" - ПИРИН възкръсна
Интервју со проф. Иван Калчев
Интервју со Киро Глигоров